Вардар не доби дозвола од скопските стадиони да игра в сабота

Фудбалските клубови Вардар и Кожуф добија непопуларен термин за натпреварот од 15. коло во Втората македонска фудбалска лига. ФФМ одлучи средбата да се игра в петок од 13:00 часот, што доведе до револт кај најверните вардарови фанови „Комити“

Навивачката група најави дека нема да присуствува на натпреварот, па го натера ФК Вардар да се огласи за ситуацијата. Од клубот информираа дека не успеале да добијат дозвола за користење на стадионите ширум Скопје, за да играат в сабота, па морале да одберат да играат в петок. 

„ФК Вардар ги известува своите навивачи и приврзаници дека терминот за натпреварот во рамките на 15. коло од ВМФЛ против екипата на Кожуф (утре, петок 9 декември од 13:00 часот на стадионот Борис Трајковски во населба Маџари во Скопје) се должи на тоа што НЕ НАИДОВМЕ на одобрение за користење на терените во Скопје за време на викендот (Градски стадион, стадион на Македонија ЃП во населбата Ѓорче Петров, стадионот Железарница во населба Автокоманда, комплекс ФФМ и стадионот Борис Трајковски во населба Маџари, Скопје)

Од таа причина единствени термини кои ни беа на располагање беа петок и вторник, одлучувајќи се за утрешниот.

Уште еднаш ги повикуваме сите навивачи на нашиот клуб утре да ја дадат неопходната поддршка кон уште една победа и чекор поблиску до остварувањето на нашите цели“.

Вардарци се во битка за промоција и враќање во ПМФЛ и се при врвот на второлигашката конкуренција. Дуелот со гевгеличани е последен во есенскиот дел на сезоната.