Вардар најуспешен пред Работнички и Шкендија на вечната ранг-листа во ЛШ

УЕФА објави ранг листа на најдобрите клубови кои настапувале во Лигата на шампионите, како и во претходниот формат на Европскиот куп. Собирајќи бодови за секој одигран натпревар, европската куќа на фудбалот со два бода за секоја победа и еден за реми, ги рангира сите некогашни учесници, вклучувајќи ги и квалификациските дуели. 

Така, бидејќи македонските тимови сè уште чекаат на учество во главниот дел, собираа само поени од квалификациите, а најдобар пласман има Вардар кој се најде на 149 место со осум учества. „Црвено-црните“ кои го направија најголемиот клупски успех со настапот во Лигата на Европа, на 24 одиграни средби во квалификациите за ЛШ, имаат пет победи, осум ремија и 11 порази со 18 поени на своето конто. 

Работнички во своите четири учества во квалификациите има три победи, шест ремија и пет порази, па со 11 поени се најде на 188 позиција на УЕФА ранкингот. На третото место меѓу македонските клубови се најде Шкендија, која во три настапи има десет одиграни мечеви, три победи, еден нерешен резултат и шест порази, па има седум бодови. 

Освен трите водечки екипи, свое место во ранкингот имаат и Силекс (351), Победа (389), Македонија ЃП (480) и Ренова (489). 

Инаку, на оваа ранг листа највисоко котира Реал Мадрид со 51 учество и 13 титули, пред Баерн Минхен, Барселона, Манчестер Јунајтед, Јувентус, Милан, Ливерпул, Бенфика, Порто и Ајакс. 

Целосната ранг листа на сите некогашни учесници во Лигата на шампионите на УЕФА можете да ја погледнете ОВДЕ.