Вардар доби парична казна за невкусната прослава на титулата!

Полни раце работа имаше Дисциплинската комисија на Фудбалската федерација на Македонија. Покрај консеквенците по финалето на Купот на Македонија меѓу Силекс и Шкендија, се разгледуваше и некоректната и вулгарна прослава на шампионот Вардар, која беше јавно споделена преку социјалните мрежи, а подоцна и преку медиумите.

Вардар мина полесно и парично е казнет, па касата на шампионот ќе биде олеснета за 15.000 евра.

„Дисциплинската комисија при ФФМ донесе одлука со која ФК Вардар се казнува со парична казна во висина од 15.000 евра поради навредливо скандирање од страна на навивачите и несоодветна прослава на титулата од страна на фудбалерите. Воедно, Дисциплинската комисија поведе постапка против ФК Вардар поради користење на пиротехнички средства на натпреварот од 33. коло помеѓу Вардар и Шкендија“, се вели во известувањето до Дисциплинската комисија при Фудбалската федерација на Македонија. 

Неколку дена по немилиот настан, тренерот на Вардар, Гоце Седлоски на прес-конференција се извини за однесувањето.