• Мартин Танасковски

Фудбалскиот клуб Вардар е казнет со 250.000 евра поради утврдени неправилности во работењето во текот на сезоната 2023/24, период кој се однесува на времето пред доаѓањето на новиот сопственик на клубот.
Меѓу забележаните прекршувања кај УЕФА се наведуваат постоење на двојни договори со фудбалери, користење на фалсификувана документација, како и исплати кон играчи преку други правни субјекти и компании, практика која не е дозволена согласно важечките прописи и регулативи.
Случајот е доставен до надлежните институции. Поднесена е кривична пријава до Основното јавно обвинителство, а во постапката е вклучена и Финансиската полиција, која ќе ги испитува сите околности поврзани со наводните неправилности.
На клубот му е изречена и условна казна со засилен мониторинг во период од три години. Во тој временски рок работењето на Вардар ќе биде под посебен надзор, а секое евентуално ново прекршување би можело да доведе до дополнителни санкции.
Сите утврдени неправилности се однесуваат на периодот пред преземањето на клубот од страна на сегашниот сопственик, а актуелното раководство не е поврзано со спорните активности кои се предмет на истрагата.
