• Мартин Танасковски
Екипата на Вардар мина во второто коло од Конференциската лига на УЕФА. Македонскиот тим гостуваше кај Ла Фиорита во Сан Марино, одигра 2-2 и со вкупни 5-2 заради победата во Скопје се пласира во следната рунда. Таму чека двомеч со Лозана од Швајцарија, првиот меч е во Македонија, а реваншот е на гостински терен.
- Извештај од натпреварот:
Дуелот во Сан Марино во однос на оној во Скопје започна со една промена. Седлоски на местото на Едиз Спахиу во игра го стави Даниел Донгмо и имаше еден напаѓач помалку, стартува со 4-4-2. Мечот тргна споро, се до онаа 10. минута кога едно невнимание го стави Вардар во проблем. Искусниот Ненад Мишковски во дуел со Жоао Фелипе ненамерно играше со рака, а судијата Џонс покажа на белата точка.
Одговорноста ја презеде токму Фелипе, кој го совлада Давор Талески од белата точка и донесе позитива за Ла Фиорита. Оттогаш, домаќинот се повлече и чекаше шанса за контра, а Вардар имаше многу потешкотии да ја пробие згуснатата одбрана. Играше македонскиот тим на половината на ривалот, но само една шанса беше сериозен момент за гол, кога во 42. минута Горан Закариќ ја погоди пречката од осумнаесетина метри.
На стартот на вториот дел Седлоски направи тројна замена, влегоа Мато, Данев и Кастанеда, а тоа донесе поактивна игра и изнуден пенал. Во 55. минута домашен играч играше со рака во казнениот простор, следеше втор пенал на мечот, кој Мато го реализира за 1-1. Веднаш потоа во следната акција шанса за пресврт имаше Матиќ, но домашните се спасија.
Во продолжението од мечот влезе и Филип Дурански, тоа беше на петнаесетина минути пред финишот, Вардар притискаше кон голот на ривалот, а сето тоа донесе пресврт во 84. минута, кога по еден центаршут на нововлезениот Кастањеда и шут на Азер Омерагиќ, голманот Виван во обид да извади си даде автогол, за 1-2. Иако делуваше дека ќе победи, Вардар попушти пред самиот крај. Прво, Михаил Маневски спаси чист гол од самата линија, но потоа Јанкулов си постигна автогол, за конечни 2-2. Погодокот падна во 93. минута.



