ВИДЕО: Вардар има за што да жали, реми против Тиквеш во дербито за опстанок

Вардар и Тиквеш одиграа меч без победник (1-1) во дербито за опстанок на Арената „Тодор Проески“. Пред празните трибини средбата од 17. рунда понуди по гол во двете полувремиња и делба на бодовите. 

Домашната екипа подобро влезе во натпреварот и се обидуваше да го материјализира тоа. Вардарци вршеа притисок и притискаа, меѓутоа кавадарчани го одбија тој налет. Тогаш Тиквеш се крена, се ослободи од домашната иницијатива и тргна напред. По неколку полушанси капитулира вардаровата одбрана пред полувремето. Течеше 41. минута, Данаил Тасев добро се снајде и проби во шеснаесетникот, па ја проследи топката кон петерецот до Едиз Спахиу кој погоди за 0-1. 23-годишниот напаѓач досега сезонава е стрелец на четири од петте погодоци на Тиквеш.

Стартот на вториот дел беше сличен како првиот, со вардарова иницијатива. Откако Тиквеш одбрани неколку шанси во еден напад, веќе во следниот се тресеше мрежата на гостите. Мицевски нафрли од десната страна, Дианеси играше со топката и ја префрли на втора статива, а таму искусниот Ненад Мишковски го глава ја смести во мрежата за 1-1 во 65. минута од средбата.

Во продолжението Вардар продолжи да притиска и се обиде да дојде до пресврт, меѓутоа немаше сили за такво нешто и средбата заврши со резултатот поставен во 65. минута. Вреди да се издвојат двете стопроцентни шанси на Азер Омерагиќ во последната минута од мечот кои ги скроти голманот Тасев. Последната закана ја имаше Кристијан Николовски, со глава биеше крај голот од изгледна позиција.

Со ова реми Вардар остана на десеттото место, израмнувајќи се со Беса која е прва „над цртата“, а Тиквеш со 11 бода е на дното.