• Мартин Танасковски

Екипата на Вардар го одигра првото дерби во месец октомври и ремизира со Струга Трим Лум (2-2) во спектакуларно дерби кое донесе ревија на убави голови и атрактивни потези на актерите. Овој резултат повеќе ѝ одговара на Струга, која останува на врвот на табелата во македонскиот шампионат со 23 бода, додека Вардар е втор со 21 бод и го чека исходот на мечот меѓу Пелистер и Шкендија за да знае на кое место ќе биде на паузата.
- Извештај од натпреварот:
Дуелот почна претпазливо, а првите петнаесетина минути понудија само една шанса. Тоа беше во седмата минута, кога Компаоре се закани, но не успеа да постигне погодок. Вардар, пак, не можеше да ја пробие зоната на стружани кои одлично беа поставени на Арената и ги сечеа сите закани на црвено-црните. Бедемот на домашните капитулира во 19. минута, кога капитенот Буњамин Шабани со вториот сезонски гол донесе предност за Струга. Центаршут од страна испрати Папе Фал, а Шабани со глава успеа да го совлада Талевски за 0-1 за гостинот.
До финишот на првиот дел, Вардар имаше една закана преку Омерагиќ кој шутира од свртување, но немаше реализација. На стартот на вториот дел, Седлоски направи тројна измена и Вардар тргна поофанзивно кон голот на ривалот. Прво се обиде Закариќ, но не успеа, а на спротивната страна Радески имаше шут кој не го искористи да удвои. Во 56. минута, судијата Стојанче Стојанов покажа на белата точка, откако Маневски нафрли, а топката го погоди Бојан Илиевски. Проценката беше дека се играло со рака, а најстрогата казна беше потврдена од страна на главниот арбитар дури и по прегледување на ВАР-технологијата.
Одговорноста ја презеде Роџерс Мато, но голманот Ангелети одлично одбрани и го спаси својот тим, меѓутоа напаѓачот од Уганда се поправи во 60. минута, со убав гол за 1-1. Сепак, радоста на домашните за нерешеното траеше кратко, затоа што во 64. минута најдобриот играч на стружани Компаоре постигна убав гол за враќање на позитивата на гостинот. Продолжението на мечот не донесе многу закани за гол. Гостите ја држеа топката, имаше и доста прекини, што повеќе ѝ одговараше на Струга. Сепак, Вардар израмни на 2-2 со голот на Јанкулов во 92. минута по асистенција на Кастанеда, откако претходно Малески промаши чист зицер да ја потврди победата на Струга Трим Лум.
Шампионатот на Македонија за двете екипи продолжува на 19 октомври. Струга тогаш дома игра со Брера Струмица, додека Вардар гостува кај големиот ривал Шкендија.




