Вардар и официјално доби нов сопственик пред почетокот на новата сезона!

Шилегов

Фудбалскиот клуб Вардар, кој во новата сезона ќе се натпреварува во Втората македонска фудбалска лига (ВМФЛ), од денес и официјално има нов сопственик.

Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, одржа прес-конференција заедно со сопственикот на Блу Скај инвесмент, Слободан Крстевски и поранешниот директор на вардарци, Самоил Симев.

„На мое огромно задоволство, можам и официјално да соопштам дека успешно заврши посредувањето на Градот Скопје со стариот и новиот инвеститор и сопственик на ФК Вардар, со што всушност успеваме да обезбедиме извесна иднина за ФК Вардар, како една од најголемите спортски институции во нашава земја. Станува збор за фирмата Блу Скај инвесмент која е согласна во целост да го преземе постојниот договор со сите услови што Град Скопје го има склучено со поранешниот сопственик“, изјави Шилегов.

Новиот газда на „црвено-црните“ има амбиција што поскоро да го врати клубот онаму каде што припаѓа, а тоа е македонската фудбалска елита.

„Сите долгови кои се настанати во меѓувреме, кон сите коминтенти и играчи, во наредниот период ќе бидат во целост подмирени од новиот инвеститор, што е дел од новиот договор. Во наредниот период јас со гордост ќе можам да побарам од Советот на Град Скопје, на следната седница, која планираме да се одржи во втората половина на месец август, овој договор да биде одобрен, како од надлежен орган кој ја има донесено и претходната одлука за продажба на акциите на ФК Вардар“, додаде градоначалникот на Скопје.

Вардар преживеа тешки времиња во кои беше неизвесно неговото постоење. За негова среќа се појави инвеститор кој ќе работи на брендот во наредните години.