• Мартин Танасковски
Како акт за помош на семејствата на настраданите во огнената стихија во Кочани, Генералниот директор на белградска Црвена Звезда, Звездан Терзиќ и Извршниот директор на скопски Вардар, Миленко Неделковски, се договорија двата клуба да одиграат хуманитарен натпревар.
Мечот ќе се одигра на 16. април на Арената „Тодор Проески“ во Скопје, а сите средства собрани од влезници и спонзори ќе одат за семејствата на настраданите во опожарениот ноќен клуб во Кочани. Натпреварот ќе се игра во ноќен термин под рефлектори.
ФК Вардар изразува огромна благодарност до големите фудбалски пријатели и нивната армија од навивачи за овој бескрајно голем хуман потег. Двата клуба договорот ќе го потпишат во текот на утрешниот ден.
Исто така, Вардар изрази голема благодарност до легендата на Вардар и Црвена Звезда, Илија Најдоски, со чие посредништво е овозможен овој спектакл.