ВИДЕО: Вардар со два гола го реши Борец и прв го освои Велес!

Актуелниот фудбалски првак на Македонија, екипата на Вардар, покажа дека во тимот има уште „штоф“ за успеси и со победа кај Борец (0-2) стана првиот кој успеал да го освои Велес оваа сезона во Првата македонска фудбалска лига (ПМФЛ).

Традицијата велеше дека Вардар ќе остане непоразен на овој меч и тоа и се случи. Избраниците на Александар Васоски одиграа според планот и трет натпревар на гости доаѓаат до успех на еден од најнезгодните терени во нашата земја. Ова е доста значајна победа за Вардар, кој пак мачи мака со финансиската ситуација, па тимот сега скокна на шестата позиција во ПМФЛ.

Дуелот на стадионот „Зоран Паунов“ тргна со доминација на Борец. Домаќините притискаа и имаа две прекрасни шанси, ама не ги искористија. Прво се обиде најдобриот играч Прелчец кој не успеа, за потоа во 35. минута одлична прилика да има Оливер Пеев, ама му избега топката поради лоша контрола и мораше да се задоволи само со шут крај дирекот.

Вардар ја чекаше својата шанса од прекин, а ја доби пред крајот на првиот дел. Бразилскиот стопер Чарлестон имаше двоен обид по центаршут од корнер, ама Ефтимов спаси двапати од гол-линијата и беше главен виновник зошто гостинот од Скопје не поведе.

На отворањето на вториот дел Мирчевски го пронајде Попзлатанов, а тој додаде до Најденов, кој испрати одличен шут кон голот на Борец, но Бурхан Мустафа беше на ниво. Борец на првата сериозна шанса во вториот дел чекаше до 53. минута, кога Прелчец испрати шут по земја додека имаше многу играчи на мал простор, ама Илиќ го прочита обидот.

Плејмејкерот Ристовски во 63. минута имаше одлична можност од слободен удар. Фудбалерот на Борец од дваесетина метри биеше, ама дирекот беше сојузник на актуелниот првак. Хендикеп за Васоски беше повредата на Мирчевски, кој на стартот на вториот дел мораше да биде заменет со Петковски.

По една контра на десет минути пред крајот, Вардар дојде до предност. Најденов повлече топка, го проигра Попзлатанов, а тој со еден силен шут и помош на Стоименовски успеа да го совлада Бурхан Мустафа.

Борец на терен делуваше тотално безопасно и без енергија по примениот гол. Тимот на Горазд Михајлов наместо да притисне, доста се мачеше, посебно во средниот ред каде често губеше топки. Кога сите чекаа крај, по една промашена шанса на Ѓорѓиев за изедначување, Вардар успеа да ја потврди победата, откако Попзлатанов го проигра Цветановски, а тој шутираше во горниот дел од голот на домашните.

За Вардар ова беше прва победа во последните пет кола во ПМФЛ. Тимот го забележа четвртиот триумф сезонава и одлично се подготви за домашниот меч со Академија Пандев кој ќе се игра следниот викенд.