• Мартин Танасковски

Македонскиот шампион Вардар во дербито против Шкендија на Арената „Тодор Проески“ му даде шанса на еден од најголемите таленти во својата школа, а 16-годишниот Огнен Јаков со тоа се запиша во клупската историја.
Јаков, кој на крајот на јуни наполни 16 години, го имаше своето деби за првиот тим на „црвено-црните“ и доби можност да го покаже својот потенцијал на најголемата сцена во македонскиот фудбал.
Тренерот Кристијан Фабијани му укажа доверба во големото дерби, откако младиот напаѓач беше дел од тимот и во првото коло против Брегалница, но тогаш остана на резервната клупа.
Зад Јаков е извонредна сезона во младинските категории на Вардар. Во дресот на помладите пионери тој постигна дури 41 погодок во првенството, а додаде уште осум гола во Купот.
Пред два месеци, Gol.mk направи интервју со Огнен Јаков кое може да го прочитате на СЛЕДНИОТ ЛИНК.






