ВИДЕО: Вардар го „чкртна“ и Силекс и е на еден бод од сигурна титула!

Екипата на Вардар си ја заврши задачата, на домашен терен го совлада кратовски Силекс (2-1) и се наоѓа на само еден бод од шампионската титула во Македонија. Во следните две кола следат мечеви со Струга и Шкендија, а доколку црвено-црните останат непоразени со стружани, последното коло ќе биде само формалност иако е со најголемиот ривал.

  • Извештај од натпреварот:

Околу натпреварот со Силекс, уште во раната фаза Вардар дојде до предност. Течеше третата минута кога Стефан Цветковиќ доби топка од Горан Закариќ и успеа да погоди за 1-0. Се прегледуваше голот со ВАР, но беше заклучено дека еден од играчите на Силекс ја допрел топката и влијаел на акцијата, па немало елементи голот да биде поништен.

Веќе во петнаесеттата минута, Бутуровиќ беше невнимателен, удри во лицето на Азер Омерагиќ и судијата Бафто покажа пенал. Сигурен изведувач беше Горан Закариќ, кој зголеми на 2-0. Силекс по шокот на стартот се разбуди, Бутуровиќ и Николовски имаа убави шанси да намалат, ама голманот Давор Талески застана против нив.

На самиот старт на вториот дел, Бутуровиќ погоди по еден корнер. Нафрли Мирчевски, стоперот ја прими топката и Силекс така намали на 2-1. Веднаш по голот Мирчевски имаше прекрасна шанса да го шокира фаворитот и да израмни на 2-2, ама не успеа.

Во продолжението од мечот, Седлоски направи замени, во игра ги внесе Цветковски и Спахиу, а баш Спахиу го раздвижи Вардар и имаше две шанси за гол, но не ги реализира. Во продолжението од мечот се закани и Николов, ама Џеков го скроти неговиот обид. Последните минути не донесоа убав фудбал, Вардар беше претпазлив, за важна победа од 2-1 во битката за враќање на тронот во Македонија.