ВИДЕО: Вардар го чека пекол во Ереван, веќе тренираше на 42 степени!

Фудбалерите на Вардар по долгиот и напорен пат преку Солун и Доха, пристигнаа во главниот на Ерменија, Ереван, каде утре ги чека првиот натпревар од првото квалификациско коло во Лигата на Европа.

Терминот на одигрување на натпреварот против Пјуник е 18.00 часот по ерменско, 16.00 часот по македонско време, но и тогаш температурата во Ереван не се симнува под 40 целзиусови степени.

Вардарци имаат можност веќе да тренираат во нехумани услови на 42 степени и да го почувствуваат теренот на стадионот во Ереван. „Црвено-црните” на утрешниот меч ќе бидат без услугите на Бразилецот Виктор Јуфо, поради повреда на задната ложа.

УЕФА го одреди словачкиот арбитар Михал Оченаш да биде на центарот на стадионот „Вазген Саргсјан“. Негови помошници ќе бидат Томаш Ворел и Михал Томчик. Четврти судија е Петер Зиемба.