Вардар Форино банкротира и принудно отстапи од ВМФЛ

Откако вчера беше најавено дека поради неисплатени плати, Вардар Форино нема да го игра денешниот дуел со Влазерими, денес клубот изнесе нови информации до јавноста. 

Клубот од Форино ќе отстапи и повеќе нема да се натпреварува во Втората македонска фудбалска лига - Запад. Со тоа, по 42 години се очекува целосно распуштање на клубот и можен почеток од четвртата лига. Фудбалерите на овој клуб повеќе од три месеци не добиле примања, па вчера преку капитенот Ајет Абази најавија дека нема да играат денес со Влазерими. 

Очигледно финансиите на клубот не можат да се израмнат и стабилизираат, па Вардар Форино е принуден на ваков ригорозен чекор и напуштање на лигата. Останува да видиме како Фудбалската федерација на Македонија ќе одговори на оваа тема, ама според правилата Вардар Форино ќе треба да се распушти и да продолжи во аматерскиот четврти ранг при ФФМ. 

Инаку, Вардар Форино по единаесет кола има само 12 бодови и се наоѓа на осмата позиција од табелата во западниот дел од ВМФЛ.