• Иван Димовски

Фудбалерите на Вардар ќе ја дочекаат екипата на Беса 1976 за старт на 29. коло на Првата македонска фудбалска лига.
Ако во првиот дел од сезоната овој натпревар имаше „етикета“ борба за опстанок, сега ситуацијата делумно се измени. Вардарци влегоа во добра серија и скокнаа до седмото место на табелата, со „плус осум“ во однос на Брера и Беса кои се десетти и единаесетти. Скопскиот тим се пласираше во финалето на Купот и поуморен ќе го дочека дуелот со тимот од Добридол.
Бодовите се од огромна важност за екипата на Беса. Воска Спорт по одземените девет бода со 13 е „давеник“ и веројатно веќе е прежалена, а борбата за опстанок ќе се води меѓу неколку екипи. Беса е претпоследна, но со исто бодови како Брера (имаат по 24), а струмичани играат токму со Воска и гледаат шанса за три бода. Веднаш над нив е Тиквеш кој има два бода повеќе, кој гостува кај Пелистер кој е на кота 29.
Вардар со сигурност е фаворит во Скопје со поддршката на „Комити“, сака да ја продолжи пролетта без пораз и Беса ќе има тешка мисија во 16:00 часот на „Петар Милошевски“ при ФФМ.