Варан претставен на „Олд Трафорд“: Понуда од еден од најславите клубови не се одбива

Манчестер Јунајтед денес и официјално го претстави второто големо засилување ова лето. Периодот на карантин заврши, па така Рафаел Варан пред навивачите на „Олд Трафорд“ ја имаше својата промоција во новиот дрес.

28-годишниот дефанзивец не го криеше задоволството што ќе ги брани боите на Манчестер Јунајтед, а на промоцијата изјави дека понудата од еден од најславните фудбалски клубови не можел да ја одбие.

„Манчестер Јунајтед е еден од најславните клубови во светскиот фудбал и понудата да играм тука е нешто што не можев да го одбијам. Сакам да постигнам уште многу во кариерата, знам дека се приклучувам на тим полн со врвни играчи кои се подеднакво решени да освојуваат трофеи. Разговарав со менаџерот (Солскјер) и гледам колку тимот напредуваше во претходните сезони. Подготвени сме да играме на највисоко ниво“, рече Варан.

Варан во Јунајтед пристигна од редовите на Реал Мадрид, каде настапуваше од 2011 година и освои три трофеи во Примера, четири во Лигата на шампиони, еден Куп на Кралот и по три европски и шпански Суперкупови.

Неговиот нов клуб попладнево со убедливи 5-1 го совлада Лидс Јунајтед и ги освои првите бодови во новата сезона на Премиер лигата.

Прочитајте повеќе околу тековните трансфери во Македонија и светот на ОВОЈ линк.