• Горан Упале

Тренерот Иван Варадиновски повеќе не е на кормилото на Кожуф, откако по завршувањето на сезоната и обезбедениот опстанок одлучи да поднесе оставка.
Стратегот истакна дека зад него е еден исклучително тежок, но воедно и значаен период во кариерата, нагласувајќи дека предизвиците надвор од теренот биле поголеми од оние на самиот терен.
„Дефинитивно комплициран период да се биде тренер на ФК Кожуф. Сепак, ова беше големо искуство и предизвик за мене. Искрено, потешко беше да се менаџираат работите надвор од теренот отколку на самиот терен. Со оглед на сите околности, сметам дека опстанокот е успех и за клубот и за мене како тренер“, изјави Варадиновски.
Тој упати благодарност до фудбалерите и сите луѓе инволвирани во клубот, а посебно ја истакна поддршката од навивачката група.
„Благодарност до играчите и сите луѓе инволвирани во клубот. Посебен поздрав и благодарност до навивачката група „Фантоми“ за безрезервната поддршка на сите натпревари. На клубот му посакувам сè најдобро во иднина“, додаде тој.
Со оваа одлука Кожуф ќе влезе во потрага по нов тренер, кој ќе го предводи тимот во следната сезона.


