• Редакција Gol.mk

Со ремито во Гевгелија и нерешениот резултат на Осогово на гостувањето кај Арсими, фудбалерите на Детонит Плачковица и математички се изборија за пласман во баражот за пополнување на последното место во Првата лига за сезоната 2024/25.
Со тоа е остварен најголемиот успех во клупската историја, а на овој резултат посебно е горд младиот тренер Иван Варадиновски.
„Со самото тоа што официјално обезбедивме бараж, ние како клуб и град испишавме историја. Голема благодарност и честитки за играчите, управата и навивачите. Сега ни преостанува што подобро да се подготвиме за тој бараж-натпревар и искрено се надевам дека градот Радовиш од наредната сезона ке гледа прволигашки фудбал“, рече младиот тренер.
Противникот во баражот на екипата на Детонит Плачковица ќе биде познат по одигрувањето на последните две кола од Првата фудбалска лига (ПМФЛ). Во комбинација за десеттото место се само уште Вардар и Брера.