Варадиновски: Без дилеми прифатив да го водам Новаци, ќе одговориме на предизвиците

Новиот тренер на Новаци, Иван Варадиновски, со голем оптимизам го очекува почетокот на новата сезона во ВМФЛ и верува дека неговата екипа има квалитет за забележителна улога во првенството. Варадиновски веќе еден месец работи со тимот, а истакнува дека немал дилеми околу прифаќањето на понудата по разговорот со директорот на клубот Пеце Коруновски.

„По разговорот со директорот на клубот Пеце Коруновски и со оглед на сè она што се случува во клубот во последната година, немав дилеми дали да ја прифатам понудата на Новаци. Во клубот сум еден месец и до овој момент околу организацијата и условите сè е во најдобар ред. Подготовките се во завршна фаза и комплетно сум задоволен од она што го сработивме и од тоа како изгледавме на пријателските натпревари“, вели Варадиновски.

Новиот стратег на Новаци очекува силно и израмнето првенство, но верува во квалитетот на ростерот кој му стои на располагање.

„Лигата оваа година ќе биде на едно високо ниво и нема да има лесни противници. Сепак, со оглед на играчите кои веќе беа во екипата и засилувањата кои успеавме да ги донесеме, сметам дека ќе одговориме на сите предизвици и ќе имаме забележителна улога во текот на првенството“, додаде тренерот на Новаци.

Новаци полека ги привршува подготовките, а амбициите на клубот се со добрите игри од подготвителниот период да продолжи и кога ќе започнат натпреварите за бодови.