ВАР-скандал во Хрватска: Хајдук објави шокантни снимки во јавноста

Хрватска повторно ја тресе нов фудбалски скандал, а овој пат во центарот на внимането е тимот на Хајдук. Сплиќани на гостувањето во Вараждин освоија само бод, но страстите по натпреварот никако не се смируваат и добиваат уште поголеми размери. 

Деновиве во јавноста „протекоа“ исечоци од разговорите меѓу судиите во ВАР-собата, а Хајдук денес ги шокираше сите и ги објави комплетните снимки, во кои јасно се слуша дека биле донесени погрешни одлуки. 

Најважната одлука беше донесена во 78. минута, кога Марко Ливаја ја затресе домашната мрежа. Започна големо славје меѓу играчите на Хајдук, но веднаш потоа се огласи ВАР-собата, која го поништи голот поради наводен офсајд во кој се најде Филип Кровиновиќ. Оваа одлука директно влијаеше на конечниот исход од мечот, а управата на Хајдук е гневна и ги критикува судиите, чија одлука може директно да влијае врз трката за шампионската титула. 

Од Хајдук велат дека се слуша како судиите не се сигурни во донесената одлука, но да биде ситуацијата подраматична, тие направиле грешка и при голот на Вараждин, на кој му претходел чист фаул врз Ливаја. Сплиќани се жалат и на чист недосуден пенал, а сите овие несреќни одлуки на судиите само дополнително фрлаат „масло на оганот“. 

Еден од судиите јасно им кажува на колегите дека грешат и им вели „Одете по ѓаволите, гледате дека го влече за дресот, ова е фаул, чист фаул. Мора да го повикате судијата за ова, одете по ѓаволите сите заедно“, се слуша на снимките. 

Со ремито во Вараждин, екипата на Хајдук дојде до 49 бодови и моментално е на втората позиција во елитниот хрватски фудбал, веднаш зад Ријека и со два бода предност пред Динамо Загреб. Сплитскиот клуб поднесе неколку жалби за судиските одлуки, па останува да се види реакцијата на хрватската федерација.