• Мартин Танасковски

Екипата на Вардар Неготино дома го победи Борец (1-0) и со тоа го стави велешкиот клуб во невозможна мисија за спас, затоа што директниот опстанок е невозможен, а надежта за бараж е мала.
Велешани се на петнаесеттото место на табелата со 13 бода, пред нив е Осогово кој е на позицијата која води во бараж со 22 бода. До крајот има уште четири кола, а тоа значи дека на Борец му треба чудо, посебно што во следното коло гостува кај лидерот Македонија ЃП.
Тренерот на Борец, Горан Симов, имаше многу замерки за судењето. По мечот беше лут, имаше дискусија со делителите на правдата и бараше да го чујат. Сепак, немаше реакција од арбитрите, па Симов реши да бара правда со телефон, затоа што се уште нема ВАР во македонскиот фудбал. Во стилот на Жозе Мурињо, во Фенербахче, Турција...
Мечот во Неготино го реши еден доцен погодок во екстра-времето, кога по една лоша реакција на одбраната, Кирил Неделков реализира за победа со глава.