• Саше Љолес

Во рамките на 25. коло од Бундеслигата денес беше одиграно дербито помеѓу Баер Леверкузен и Баерн Минхен. Домашниот состав со пресврт во второто полувреме успеа да извојува исклучително важна победа против големиот фаворит (2-1).
- Извештај од натпреварот:
Мечот започна со по една шанса на двете страни и се играше доста динамичен и интересен фудбал. Баерн важеше за голем фаворит и успеа да го отвори резултатот во своја полза преку Џошуа Кимих во 22. минута од мечот.
Леверкузен прикажа пристојна игра и знаеше дека може да го рани противникот, но до крајот на полувремето не успеа во својата намера. Минимална предност на гостите по истекот на првите 45 минути. (0-1)
Во вториот дел играта доби уште повеќе на интензитет, Леверкузен малку повеќе запна и стави во поголема брзина, а нивниот труд беше оправдан во 55. минута кога ВАР-технологијата му сугерираше на главниот судија дека имало пенал за домашниот состав. Прецизен реализатор беше Езикиел Паласиос и донесе израмнување за својот тим (1-1).
Домашните навивачи беа задоволни од пристапот на своите миленици и почувствуваа дека можат да стигнат и до целосен пресврт. Тоа и се случи во 73. минута кога ВАР-собата повторно сигнализираше дека Упамекано направил прекршок за најстрога казна во шеснаесетникот на Баерн.
Одново прецизен стрелец беше Паласиос кој го постигна својот втор гол на мечот, за голема радост и делириум на трибините на „БајАрена“. (2-1). Пресвртот им даде дополнителна сила на домаќините кои продолжија одлично да му парираат на големиот фаворит и ги задржуваа налетите на Баварците.
Тренерот на Баерн, Јулиан Нагелсман беше нервозен, ги изврши сите пет замени, се обиде да го мотивира неговиот тим, но сепак гигантот не беше денес на висина на задачата и со наведнати глави го напушта Леверкузен.
Сега Баерн Минхен е второпласиран со 52 бода и му го препушта врвот на Дортмунд, додека Баер Леверкузен е осмопласирана екипа со 37 бодови и продолжува со „ренесансата“ откако на кормилото на тимот застана шпанскиот тренер Чаби Алонсо.