• Саше Љолес

Почетокот на новата сезона во Серија А донесе голема промена во начинот на кој се користи ВАР.-технологијата. По првите 18 натпревари, ниту еднаш главниот судија не бил повикан да ја прегледа спорната ситуација на мониторот покрај теренот.
Ова не е случајност, туку резултат на новата судиска филозофија, која има поддршка и од УЕФА. Роберто Розети, задолжен за судиските прашања во европската фудбалска организација, смета дека видео-технологијата треба да се вклучува само кога навистина е неопходно.
Италијанските судии Даниеле Орсато и Доменико Месина сакаат повторно да им дадат поголема слобода и авторитет на главните судии. Според новите правила, ВАР треба да интервенира само при очигледна грешка или кога судијата не успеал да ја забележи клучната ситуација.
Новото правило има цел и да се намали бројот на прекини. Тоа веќе се почувствува на теренот, бидејќи во првото коло ефективното време на игра порасна од 54 минути и 20 секунди на 58 минути и 17 секунди, во споредба со минатата сезона.
И во второто коло имало ситуации кои можеле да предизвикаат дискусии, но судиите повторно не биле испраќани пред мониторот. ВАР-собата вршела проверки, но без директна интервенција во одлуките.
По долг период во кој ВАР беше критикуван поради преголемото влијание врз натпреварите, Серија А сега експериментира со спротивен модел - повеќе доверба во судиите, помалку прекини и ВАР само кога грешката е навистина очигледна.

