ВИДЕО: ВАР и Ремиро ја „сопнаа“ Барселона, Реал дојде на еден бод!

Фудбалерите на Барселона претрпеа болен пораз на гостувањето кај Реал Сосиедад (2-1) во рамки на 21. коло од шпанската Ла Лига, во натпревар кој ќе се памети по контроверзни одлуки, ВАР-драми и вистински фудбалски хаос на „Аноета“.

  • Извештај од натпреварот:

Домашниот тим до вредната победа стигна со головите на Микел Ојарзабал и Гонзало Гедеш, додека единствениот погодок за каталонскиот гигант беше дело на Маркус Рашфорд. И покрај поразот, Барселона остана на врвот на табелата, но нејзината предност во однос на Реал Мадрид сега е сведена на само еден бод, што дополнително ја вжештува трката за титулата.

Првото полувреме беше обележано со неверојатни сцени, во кои ВАР-собата дури трипати интервенираше на штета на Барселона. Уште во 7. минута Фермин Лопез постигна спектакуларен гол со удар од дваесетина метри, но погодокот беше поништен по сигнал од ВАР, откако судијата Хил Мансано оцени дека Дани Олмо претходно направил прекршок врз Такефуса Кубо. Ништо помалку спорна не беше ниту ситуацијата во 28. минута, кога Ламин Јамал ја затресе мрежата, но и овојпат радоста на гостите беше кратка. ВАР досуди офсајд во акција која и по неколку репризи остана нејасна, бидејќи Кунде во пад ја допрел топката, а Јамал наводно бил во недозволена позиција, разлика измерена во милиметри.

Реал Сосиедад ја искористи првата вистинска шанса и ја казни доминацијата на Барселона. По центаршутот на Гедеш, Кунде лошо реагираше, а Ојарзабал со мајсторски волеј го погоди првиот агол за 1-0. Каталонците продолжија со притисокот, создадоа неколку изгледни можности, најчесто преку расположениот Јамал, но голманот Ремиро беше несовладлив. Во финишот на првиот дел, повторно се вмеша ВАР – Мансано најпрво покажа на белата точка по стартот на Зубелдија врз Јамал, но пеналот беше поништен бидејќи младиот офанзивец бил во офсајд. Така, Реал Сосиедад со минимална предност замина на одмор.

Вториот дел донесе уште повеќе лудило. Ремиро продолжи со блескави интервенции, најпрво бранејќи опасен удар на Феран Торес. По еден час игра, Ханси Флик направи тројна измена – во игра влегоа Рашфорд, Левандовски и повратникот Жоао Кансело, што веднаш внесе нова енергија во нападот на Барселона. Иако Ремиро прво со рефлексна одбрана го спречи Левандовски од непосредна близина, израмнувањето сепак дојде во 70. минута. Ламин Јамал упати совршен центаршут на втората статива, а Рашфорд со удар со глава погоди за 1-1.

Радоста на Барселона траеше многу кратко. Само минута подоцна, серија на грешки во одбраната беше сурово казнета. Голманот Жоан Гарсија лошо интервенираше и ја напушти гол-линијата, Солер ја префрли топката до Гедеш, кој без милост реализираше за 2-1. И покрај шокот, Барселона не се откажа. Кунде по центаршутот на Кансело ја погоди пречката со глава од пет метри, а драмата доби нова димензија во финишот. Солер грубо стартуваше врз Педри, ВАР овојпат реагираше во корист на гостите и Мансано му покажа директен црвен картон на фудбалерот на Реал Сосиедад.

Во судиското надополнување следуваше вистинска опсада на голот на домаќините. Рашфорд ја погоди стативата директно од корнер, а претходно ударот на Фермин беше блокиран буквално на гол-линијата. Барселона вечерва создаде повеќе шанси, постигна три поништени гола и двапати ја погоди рамката на голот, но Реал Сосиедад некако преживеа сè и стигна до епска победа.