ВИДЕО: ВАР ѝ поништи два гола на Струга, дербито со Шкендија без победник! 

Фудбалерите на Струга Трим Лум и Шкендија одново одиграа без победник и повторно со резултат 1-1 (0-0), овој пат во дербито на вонредното шесто коло во Првата македонска фудбалска лига. И покрај ремито, Струга останува лидер на табелата, додека тетовчани се искачија на четвртото место.

Последните шампиони на Македонија одиграа дијаметрално спротивни полувремиња – досадно прво и супер-возбудливи второ. Во првите 45 минути речиси и да немаше ниту еден фудбалски потег. Двете екипи тргнаа отворено, но без посериозна шанса за отворање на резултатот. Затоа, во вториот дел следуваше вистинска фудбалска битка.
По само осум минути игра во продолжението, Тамба уште еднаш ги покажа своите голгетерски способности и потврди дека оваа сезона е најдобар фудбалер на Шкендија. Фудбалерот од Сенегал по соло-акција се ослободи од својот чувар и со сигурна реализација донесе водство за гостите од 0-1.

Стружани како да требаше да примат гол за да го покажат најдоброто од себе на теренот. Веднаш презедоа иницијатива и шанси се редеа пред противничкиот гол. Првата ја испушти Кампаоре со глава, а веќе во следниот напад мрежата на Шкендија се тресеше, но голот беше поништен поради офсајд. 

Иницијативата на домаќинот вроди со плод во 79. минута, кога поради игра со рака беше досуден пенал. Сигурен реализатор на ударот од 11 метри беше Марјан Радески за израмнување на 1-1. Следуваше период во кој Шкендија доминираше на теренот и се закани преку нововлезениот Ибраими, но Ангелети запиша успешна интервенција.  Во самата завршница стружани постигнаа гол за комплетен пресврт, но одново се активира ВАР и по прекинот кој што траеше повеќе минути беше констатиран нов офсајд и резултатот остана непроменет.

Во следното коло Шкендија ќе се сретне со Тиквеш, а Струга гостува кај Силекс.