• Иван Димовски
Фудбалерите на Интер се радуваа против Венеција со минимални 1-0 (0-0) во 11. коло на Серија А. Италијанскиот првак на својот „Џузепе Меаца“ се измачи многу повеќе од очекуваното, а на крајот со реакција од ВАР собата беше спасена победата на домаќинот.
Од стартот Интер се наметна, меѓутоа Венеција добро се бранеше. Се обидуваа домашните преку Турам и Михтарјан, а за гостите во првиот дел се закани Ористанио. Падна гол конечно на стартот на продолжението преку Михтарјан, меѓутоа ВАР собата сигнализира офсајд.
Течеше 65. минута кога Федерико Димарко му „сервира“ гол на Лаутаро Мартинез. Капитенот на Интер доби топка на втора статива и од неколку метри со глава погоди за 1-0. До крајот на средбата темпото на игра опадна, а возбудувања имаше длабоко во судиското продолжение.
Течеше 98. минута кога Марин Шверко и Јан Бисек беа во скок дуел, а откако топката ги удри двајцата заврши во мрежата за 1-1. Сепак, радоста на Венеција ја прекина ВАР собата. Судијката Марија Капути доби повик и ѝ беше сигнализирана игра со рака од Шверко, па голот беше поништен.
- Извештај од натпреварот:
Интер со оваа победа дојде на 24 бода, со што застана на еден помалку од лидерот Наполи.