Ван Нистелрој не чекаше долго за нов ангажман: Го презеде поранешниот англиски шампион!

Холандскиот фудбалски тренер Руд ван Нистелрој и официјално е новиот менаџер на Лестер, потврдија од англискиот клуб. Лестер го отпушти тренерот Стив Купер во понеделникот по само пет месеци и потрагата по негов наследник заврши кај некогашниот најдобар напаѓач во светот.

Ван Нистелрој дојде во стручниот штаб на Манчестер Јунајтед ова лето, а беше и привремен тренер на тимот откако Ерик Тен Хаг беше отпуштен на крајот на октомври. Тој остана непоразен на четири натпревари, со три победи, а на 15 ноември го напушти „Олд Трафорд“ по доаѓањето на новиот тренер Рубен Аморим.

Лестер размислуваше да ги ангажира поранешниот тренер на Баерн Минхен и Волфсбург, Нико Ковач и тренерот на Вест Бромвич Албион, Карлос Корберан, но првиот избор беше поранешниот репрезентативец на Холандија.

Одлуката ја донесе сопственикот на Лестер, Ајават Шриваданапраба, кој ја презеде одговорноста, откако директорот на клубот подготви список со кандидати.

Лестер е без победа во последните четири натпревари, а тимот моментално е на шеснаесеттото место на табелата, еден бод над зоната за испаѓање.