Ван Гал се повреди паѓајќи од велосипед: Физички не сум добро, но мозокот сè уште ми работи

Предводникот на холандската фудбалска репрезентација, Луј Ван Гал, ќе биде на клупата на селекцијата на последниот натпревар од квалификациите за Светското првенство против Норвешка.

Искусниот стратег во неделата возел велосипед во близина на хотелот во кој бил сместен тимот, и имал незгоден пад по кој го повредил колкот и бил пренесен во болница. Поради тоа, денешната прес-конференција ја одржа преку интернет, а на тренингот на селекцијата присуствуваше со возило голф.

„Физички не сум добро, но мозокот сè уште ми работи. Имам многу болки и затоа дојдов на тренинг со автомобил за голф. Можам се да работам и ги направив сите подготовки за натпреварот“, изјави 70-годишниот Ван Гал.

Холандија во вторник во Ротердам ќе го одигра последниот натпревар во квалификациите против Норвешка и ѝ е доволен бод за пласман на СП.