Ван Гал го победи ракот: Мојата состојба беше многу лоша, за среќа немам повеќе проблеми

Легендарниот холандски тренер Луј ван Гал откри нови детали за неговата долгогодишна борба со ракот на простата. Ван Гал постигна уште една животна победа. Во интервју, Ван Гал потврди дека повеќе нема никакви симптоми на болеста и дека повторно се чувствува силен и здрав.

„Пред две години имав неколку операции, мојата состојба беше многу лоша. Бев физички многу слаб, но сè заврши добро. Повеќе немам проблем со ракот, но сепак одам на прегледи на секои три месеци“, рече Ван Гал.

Холанѓанецот рече дека најтешко му било да се појавува во јавноста додека минувал низ најтешката фаза од неговата болест.

„Не чувствував многу болка, но беше ужасно што морав да носам пелени. Имав многу јавни настапи и секогаш носев темни панталони за да не се види ништо. Не е пријатно, особено затоа што сè уште сум јавна личност. Не беше лесно“, додаде Ван Гал.

Легендарниот тренер е еден од најуспешните холандски стручњаци, а и денес е активен во фудбалот - работи како советник во Ајакс.