ВИДЕО: Ван Дијк двоен стрелец, „хеви-металот“ на Клоп продолжи да тресе во ПЛ!

Лидерот во Премиер лига, екипата на Ливерпул, на „Енфилд Роуд“ беше подобар од Брајтон (2-1) и ја зголеми бодовната разлика во однос на првакот Манчестер Сити во најдобриот англиски фудбалски шампионат.

  • Извештај од натпреварот:

„Хеви-металот“ на Јирген Клоп одигра допадлив дуел и со два гола во првиот дел го реши прашањето околу победникот. На големо изненадување, двоен стрелец на мечот беше стоперот Вирџил Ван Дијк кој двапати покажа дека е вистински „ѕвер“ во казнениот простор кога се работи за воздушните дуели.

Еден од кандидатите за Златната топка стрелаше во 18. и во 24. минута. Двата гола пристигнаа од прекин, а и двата беа постигнати со глава. Првиот падна по слободен удар, додека вториот пристигна од корнер. Двоен асистент беше Александер-Арнолд.

Единствен проблем за Клоп на овој меч беше црвениот картон за Алисон во 77. минута поради играњето со рака надвор од просторот, а потоа и ефектниот гол кој го даде Данк од слободниот удар.

Ливерпул по 14 одиграни кола има 13 победи и едно реми и е апсолутен лидер, пред Манчестер Сити и Лестер со по 29 бода. Во следното коло тимот го чека градско дерби со Евертон. Брајтон, пак, има гостување кај Арсенал.