Ван дер Варт: Се плашам дека Ајакс е кандадат за испаѓање од лигата

Поранешниот холандски репрезентативец, Рафаел Ван дер Варт, е разочаран од ситуацијата во која се наоѓа славниот амстердамски клуб, Ајакс. Четирикратниот европски шампион е во големи финансиски проблеми, а воедно има и ужасен старт на сезоната во најсилниот холандски шампионат. 

Ван дер Варт својата кариера ја започна токму во Ајакс и вели дека навистина го боли кога гледа во каква ситуација е неговиот омилен клуб. Пензионираниот фудбалер гостуваше во една ТВ-емисија и јавно зборуваше за проблемите со кои се соочува Ајакс. 

„Мислам дека и ние овде од студиото ако отидеме на стадионот, ќе можеме да се надигруваме со овој тим на Ајакс. Оваа генерација е за жал многу слаба и мислам дека со овие играчи клубот нема баш светла иднина. 

Очигледно е дека квалитетот е лош, противниците повеќе не се плашат од Ајакс. Порано овој тим беше страв и трепет за сите во Холандија, па и во Европа. Сега нештата се драстично променети и многу ми е жал поради тоа. Се плашам ова да го кажам јавно, но мислам дека Ајакс може да биде дури и кандидат за испаѓање од лигата“, изјави Холанѓанецот. 

Рафаел Ван дер Варт во својата кариера играше за Хамбургер, Реал Мадрид, Тотенхем, Бетис, Мидтјиланд, Есбјерг и Ајакс, а започна токму во славниот холандски тим, за кој вкупно настапи 117 пати и постигна 52 гола во сите конкуренции.