ВИДЕО: Ван Дајк во 92. минута го еруптираше „Енфилд“, Интер го слави Маркус Турам!

Минатогодишниот финалист во Лигата на шампионите, Интер, ја отвори новата сезона со победа кај славниот холандски гигант, Ајакс, со конечни 0-2 (0-1). 

  • Ајакс - Интер 0-2:

Автори на триумфот за „нероаѕурите“ беа Маркус Турам и Хакан Чалханоглу, кои „режираа“ два скоро идентични погодоци, по еден во двете полувремиња. Интер имаше повеќе од играта и се закани неколку пати во првиот дел, а резултатот го отвори Турам после корнерот на Чалханоглу во 42. минута. На паузата Италијанците водеа со минимални 0-1.

Само две минути во второто полувреме беа доволни за Интер да го удвои водството. Повторно Турам со глава ја „закачи“ нафрлената топка на Чалханоглу и го матираше голманот Јарош, носејќи комотна предност за својот тим. 

Во продолжение избраниците на Кристијан Киву одиграа рутински, но истовремено и создаваа добри прилики за уште поубедлив триумф. На крајот конечните 0-2 донесоа први три бода за Интер во елитниот ранг. 

Екипата на Ливерпул во самиот финиш на мечот се избори за победа над Атлетико Мадрид (3-2), а херој на домашниот тим беше стоперот Вирџил Ван Дајк, кој го постави конечниот резултат во 92. минута. 

  • Ливерпул - Атлетико Мадрид 3-2:

„Црвените“ на Арне Слот започнаа со шестминутен „блицкриг“ во кој постигнаа два гола преку Робертсон и Салах, но „јорганџиите“ се вратија пред истекот на првото полувреме со голот на Маркос Љоренте. 

Вториот дел понуди нова возбуда за домашните навивачи, нивните миленици уште трипати се обидоа во рамките на голот, но не успеаја да ја зголемат предноста, а „студениот туш“ пристигна во 81. минута, кога Љоренте со својот втор погодок донесе израмнување за својот тим (2-2). 

Ливерпул до крајот на мечот ги вложи сите сили за ново водство и освојување на целиот плен, а ерупцијата пристигна во втората минута од судиското надополнување, кога Ван Дајк налета на нафрлената топка од Доминик Собослај и стрелаше за конечни 3-2. 

Актуепниот англиски шампион во следното коло ќе гостува во Истанбул кај Галатасарај, додека Атлетико Мадрид на домашен терен ќе го нагости Ајнтрахт од Франкфурт.