ВИДЕО: Ван Дајк е херој, „десеткуваниот“ Ливерпул преку Челзи до прв сезонски трофеј!

Фудбалерите на Ливерпул по голема борба и 120 минути игра минимално го совладаа Челзи (0-1), за трофејот во Лига купот на Англија. Натпреварот на „Вембли“, иако се играше без голови речиси два часа, понуди навистина многу возбудувања. Два поништени гола, по еден на двете страни, спорна одлука при остар старт на Каиседо, шанси пред двата гола, стативи и голмански интервенции. На крајот, четата на Јирген Клоп се радува на првиот трофеј во сезоната со гол во самата завршница.

  • Извештај од натпреварот:

Ако во Челзи е нормално да има многу повредени фудбалери, Ливерпул и не е баш навикнат на тоа, па во ова финале беше без Салах, Алисон, Нуњез, Собослаи, Матип, Жота, Арнолд... Двете екипи тргнаа со отворен гард во финалето, иако влогот беше трофеј. Иако Луис Диаз ја имаше првата закана на натпреваерот, Челзи за нијанса беше поконкретен и поопасен на стартот. Најголемата шанса ја имаше Кол Палмер, кој остана заборавен на петерецот и со глава изнуди атрактивна одбрана од Келехер, а голманот на Ливерпул го скроти и вториот обид. Голем пех за Јирген Клоп беше повредата на Рајан Гравенберг, кој беше „жртва“ на невнимателниот Моисес Каиседо. Играчот на Челзи го нагазна ривалот директно на зглобот, но мина неказнето и покрај протестите на „црвените“. 

Бргу потоа следеше погодок на Рахим Стерлинг, меѓутоа пред целосно да се израдуваат играчите на Челзи, следеше разочарување. Поради милиметарски офсајд голот на англиското крило беше поништен. Пред полувремето Ливерпул ја имаше својата најголема шанса, преку Коди Гакпо кој ја погоди стативата. Вториот дел тргна пак со слично темпо, а одлична шанса не искористија играчите на Челзи. Енцо Фернандез беше многу себичен и не ги проигра соиграчите, решавајќи се за атрактивна и лоша завршница. Се тресеше и мрежата на голманот Петровиќ, откако Вирџил ван Дајк стрелаше со глава по слободен удар. Сепак, одново се јави ВАР собата и одново во најмала рака контроверзно пресуди во корист на Челзи

Како што изминуваше времето, ниту еден тим како да не сакаше да игра продолженија. Ривалите играа отворено, а во три наврати најзрелите шанси не ги искористи Конор Галагер. Прво играчот за врска на „сините“ погоди статива од тешка позиција, па имаше и колосална шанса. Галагер излета сам пред голманот Келехер, но од зицер позиција не успеа да стрела. Бргу потоа по една контра на Џексон, Галагер имаше удар кој заврши над голот. Нова голема можност и серија шанси имаше Челзи пред крајот на регуларниот дел, ама Палмер и Нкунку не успеаја да го пронајдат патот до мрежата. 

Во продолженијата Клоп се потпре на младите сили, пред сè поради многуте проблеми со повреди. Џејден Данс се обиде со глава, а по него шанса имаше и Харви Елиот, меѓутоа безуспешно. Ливерпул притисна во второто продолжение, најдобрата можност дојде по удар на Елиот и голема мешаница. Во обид да расчистат дефанзивците на Челзи за малку не си дадоа автогол, па од гол линијата спречи Петровиќ пред Данс да може да профитира од ситуацијата. На спротивната страна и Келехер беше ставен на неколку тестови, меѓутоа херој на Ливерпул беше Вирџил ван Дајк. Холанѓанецот одново со глава беше највисок во скокот по центаршут од корнерот на Цимикас, матирајќи го Петровиќ за конечните 0-1 во 118. минута. 

  • Победоносниот погодок на Ван Дајк:

Ова е прв од серијата трофеи кои Ливерпул ги брка во прошталната сезона на Јирген Клоп. Од друга страна, Челзи испушти шанса да избори излез во Европа преку Лига Купот, па шансата ќе ја бара преку ФА Купот, бидејќи во првенството котираат ужасно.

Состави