• Мартин Танасковски

Македонскиот прволигаш Струга Трим Лум и Валентин Кочоски и официјално ја завршија соработката, откако двете страни постигнаа взаемен договор за раскин на договорот.
Со тоа завршува и третата етапа од престојот на Кочоски во редовите на актуелниот прволигаш, со кој беше дел од најзначајните моменти во клупската историја.
Кочоски првпат пристигна во Струга во летото 2018 година и остана две сезони, а повторно се врати во јули 2021 година. Во тој период беше дел од генерацијата што ја освои историската прва шампионска титула на клубот во сезоната 2022/23.
По завршувањето на таа сезона, патиштата повторно се разделија, но искусниот фудбалер се врати во Струга во летото 2025 година, со што го започна својот трет мандат во клубот.
Во трите престои во дресот на Струга, Кочоски запиша вкупно 84 официјални натпревари, на кои постигна четири голови и забележа 10 асистенции.

