Валенти: Сите сакаме бодови во овој дел од сезоната, веќе го знаеме Работнички

Брера Струмица и Работнички ќе се судрат во натпревар во не баш најдобри форми. Двете екипи се со една победа во последните три кола. Тренерот на струмичани, Џовани Валенти, го најави дуелот против Гоце Седлоски и неговите избраници и не си создава притисок.

„Ова е третпат да имаме три меча во седум дена и играчите се навикнати на тоа. Фокусирани сме, го имаме Антонио назад кој е важен играч за нас, што значи дека сите сме на располагање и подготвени сме да играме. Сигурен сум дека условите за игра нема да бидат најдобри. Работнички игра добро, обично 4-4-2, со посед на топка. Имаат нов тренер и ја видовме нивната игра. Мора да бидеме подготвени да играме на различни начини, но многу ќе зависи и од условите на теренот. Веќе одлучивме како ќе играме, играчите ги одредуваме, но формата на тимот и тактиката ги имаме во глава. Секој тим посакува бодови во овој дел од сезоната“, изјави Валенти.

Натпреварот меѓу Работнички и Брера Струмица се игра во недела од 13:00 часот на стадионот „Борис Трајковски“ во Маџари.