Валенсија и Атлетико ќе се сретнат во „европска битка“ за ЛШ

Валенсија вечерва го дочекува Атлетико Мадрид на „Местаља“, на отворањето од 23. коло во шпанската Примера. Средбата ќе биде една од клучните во битката за последното место во Лигата на шампионите идната година. 

Валенсија пред овој дуел влегува со негативна серија од два порази, откако загуби од Гранада и Хетафе. Тренерот Селадес за оваа пресметка нема да може да смета на Алесандро Флоренци, кој доби црвен картон, Гарај кој се повреди пред неколку меча и подолго отсутните Силесен, Пичини и Парехо.

Од друга страна, Симеоне и Атлетико конечно дојдоа до триумф во минатото коло, дома над Гранада, по серијата од пет меча без победа. Слично како и својот колега на спротивната страна, Аргентинецот има проблеми со повредени играчи. Се очекува натпреварот да го пропуштат Жоао Феликс, Хектор Херера, Трипие, Поведа и Диего Коста. 

Дуелот на овие две екипи вечерва на „Местаља“ почнува од 21:00 часот.