• Горан Упале

Најсилното и најквалитетното клупско натпреварување на светот го доби својот шампион. Ништо ново во Премиер лигата и во сезоната 2023/24. Манчестер Сити на Пеп Гвардиола ја потврди доминацијата во последните години и четврти пат во низа е шампион на Англија. Во последното коло од сезоната гигантот од Манчестер не дозволи никакво изненадување и со победата над Вест Хем од 3-1 испиша историја во англиската елита и стана првиот клуб со четири титула во низа во Премиер лигата.
И оваа сезоната трката за шампионската титула беше доста интересна во Англија. Три екипи речиси до самиот финиш, а две до последно коло, атакуваа по посакуваниот трофеј. Интересно е тоа што на крај се радуваше екипата која што најмал период беше лидер. Ливерпул беше најдолго на чело на табелата, но заврши како трет, па следува вицешампионот Арсенал, а Сити го презеде врвот во вистински момент и не го испушти.
За разлика од минатата сезона, во тековната, фудбалерите на Арсенал до последното коло ја преживеаја трката со фудбалерите на Манчестер Сити. Но, ниту тоа не му беше доволно за прекинување на постот и прв трофеј по ерата на Арсен Венгер. „Топџиите“ имаа фантастична сезона, Микел Артета изгради моќен тим, но сепак, ќе му треба време за да го достигне врвот во англискиот фудбал.
Во последното коло Арсенал во самиот финиш го скрши отпорот на Евертон и со головите на Томијасу (43. минута) и Хаверц (89.минута), славеше со минимални 2-1, а голот за водство на „карамелите“ го посгигна Геј во 40. минута.
- Арсенал - Евертон 2-1:
На „Итихад“, пак, четата на Пеп Гвардиола рутински ја заврши последната задача. А, како би било подруго кого шпанскиот стратег во својот состав има фудбалери како Фил Фоден и Родри. Детето на Сити со два гола ја загреа атмосферата на трибините, а човекот кој што е задолжен за голови на клучните натпревари со прекрасен погодок во негов стил стави точка на победата на Сити. Единствениот гол за Вест Хем го постигна Кудуз во финишот од првото полувреме.
- Манчестер Сити - Вест Хем 3-1:
Покрај Сити и Арсенал, во следната сезона во Лигата на шампионите ќе играат уште Ливерпул и Астон Вила. Од Премиер лигата испаднаа екипите кои што влегоа оваа сезона – Лутон, Шефилд Јунајтед и Барнли не се снајдоа најдобро во елитата и по само една сезона се враќаат во Чемпионшип.