Уживање на стартот на ЕП У21: Домаќинот му покажа заби на фаворитот

Европскиот шампионат за фудбалери до 21 година започна со спектакл. Во воведниот натпревар од групата А, домаќинот Словачка во Братислава загуби од Шпанија со резултат 2-3, во меч исполнет со пресврти и емоции.

Шпанците тргнаа фуриозно и веќе по само 18 минути водеа со 0-2 благодарение на головите на Пубиљ во 16. и Џозеф во 18. минута, што им ја обезбеди контролата врз натпреварот во првото полувреме.

Но, во вториот дел Словачка заигра далеку подобро. Копасек во 48. минута намали на 1-2, а само пет минути подоцна Суслов израмни од пенал и донесе еуфорија меѓу домашната публика.

Кога се чинеше дека дуелот ќе заврши без победник, Тарега во 90. минута донесе три бода за Шпанија и остави Словачка со горчлив пораз. Подоцна вечерва, во рамки на истата група, ќе се одигра уште еден интересен дуел меѓу Италија и Романија, со почеток во 21:00 часот.

ФОТО: Selección Española Masculina de Fútbol / Twitter