Утешна награда за Хамес, лични признанија и за Лаутаро и Мартинез

Аргентина ја освои Копа Америка откако по продолженија ја победи Колумбија (1-0) на „Хард Рок Стадион“ во Мајами. Четата предводена од Лионел Скалони го одбрани трофејот и шеснаесетти пат во историјата го обезбеди за својата земја. 

По финалето беа доделени и личните признанија. Како утешна награда за загубениот натпревар за пехарот, наградата „Златна топка“ на Копа Америка му припадна на Хамес Родригез. 33-годишникот со гол и шест асистенции беше лидер на Колумбија, водејќи ја до финалето, но таму немаа сили за изненадување. 

Останатите две признанија заминаа во Аргентина. „Златна копачка“ доби Лаутаро Мартинез, бидејќи на турнирот во Соединетите Американски Држави постигна пет погодоци. Тој зад себе го остави Рондон од Венецуела кој имаше два помалку. 

Што се однесува до „Златната ракавица“, очекувано таа замина кај Емилијано Мартинез. Аргентинскиот голман одново беше херој на нацијата со своите одбрани.