УТА Арад го задржа Дин Аломеровиќ до 2028 година!

Романскиот прволигаш УТА Арад официјално го продолжи договорот со македонскиот фудбалер Дин Аломеровиќ до 2028 година. Левиот бек пристигна во Арад минатото лето и веднаш се наметна како еден од најважните играчи во тимот.

Во својата прва сезона во Суперлигата на Романија, Аломеровиќ одигра 35 натпревари во првенството и Купот, постигна три гола и забележа четири асистенции. Од клубот истакнаа дека Македонецот со своите игри, односот на теренот и врската со навивачите заслужил важно место во колективот.

„Се чувствувам одлично и многу сум среќен што ќе ја продолжам кариерата тука, во УТА. Арад е посебен! Ако треба да ја опишам УТА со три збора, тоа би биле: емоција, големо срце и победнички дух“, изјави Дин Аломеровиќ по потпишувањето на новиот договор.

Од УТА Арад порачаа дека се среќни што заедничката приказна продолжува и му посакаа многу успеси на македонскиот дефанзивец кој во друштво на својот менаџер Денис Омерагиќ го потпиша новиот договор за соработка.