• Саше Љолес
Репрезентацијата на Соединетите Американски Држави имаше успешен премиерен настап со Маурицио Почетино како селектор. Аргентинскиот стратег во дебитантскиот натпревар успеа да слави со 2-0 над селекцијата на Панама.
Мечот беше од пријателски карактер, а стрелци на головите беа Јунус Муса и Рикардо Пепи. Двајцата ја тресеа мрежата во второто полувреме, обезбедувајќи сигурен триумф за својата селекција.
„Среќен сум за победата. Мечот не беше лесен, но се обидуваме да го градиме овој тим чекор по чекор. Ова е само почеток, се надевам дека во иднина ќе се подобриме во повеќе сегменти. Делувавме стабилно и професионално, а тоа е секогаш добар знак“, изјави Почетино.
САД го назначија Аргентинецот како нов селектор кој ќе ја предводи репрезентацијата и на Мундијалот во 2026 година.