Успехот на Енрике: Од големи ѕвезди и „мртов“ тим - до моќна фудбалска машина!

Францускиот ПСЖ денес важи за еден од најкомплетните тимови во Европа, а најголеми заслуги за тоа му се припишуваат на тренерот Луис Енрике.

Шпанскиот стратег целосно го промени ликот на парискиот клуб и од тим составен од големи ѕвезди и силни суети, успеа да создаде дисциплинирана и организирана фудбалска машина.

Во минатото, ПСЖ се потпираше на индивидуалниот квалитет на имиња како Лионел Меси, Нејмар и Килијан Мбапе, но тимот често изгледаше без јасен идентитет и колективна игра.

Со доаѓањето на Енрике, правилата во соблекувалната се променија. Играчите кои не се вклопиле во новиот систем заминаа, а клубот почна да гради тим во кој колективот е поважен од индивидуалците.

Капитенот Маркињос остана лидер на новиот проект, додека голема улога имаат и Усман Дембеле, Квича Кварацхелија и младиот Дезире Дуе.

Средниот ред предводен од Витиња, Фабијан Руиз и Жоао Невеш му донесе баланс и контрола на тимот, додека ПСЖ сезонава импресионира и во нападот и во одбраната.

Особено се издвојува трансформацијата на Дембеле, кој од играч често критикуван за нестабилни партии прерасна во еден од најважните фудбалери на европската сцена и освојувач на „Златната топка“. 

ПСЖ вторпат во низа ќе игра во големото финале на Лигата на шампионите, и ќе биде еден од ретките тимови што имаат можност да го одбранат трофејот во елитното натпреварување.