ВИДЕО: Уште ова му фалеше на Моу, Дерби по пенали го исфрли Јунајтед од Карабао Купот!

Екипата на Манчестер Јунајтед уште еднаш ги разочара своите фанови, откако не успеа да ја мина првата пречка во најнеатрактивното натпреварување во Англија, Карабао Купот. 

„Црвените ѓаволи“ без своите први звезди Алексис Санчез, Пол Погба и Давид Де Хеа во првиот состав, еден час имаа предност од 1-0, но избраниците на Френк Лампард одиграа фантастични последни минути, и преку ударите од 11 метри успеаја да го елиминираат англискиот великан и да се пласираат со осминафиналето на ова натпреварување. 

Португалскиот стратег на клупата на „ѓаволите“ одлучи да ги одмори своите најскапи фудбалери, што на крај го чинеше срамна елиминација и уште поголем притисок од фановите и јавноста. Јунајтед фуриозно го започна мечот на „Олд Трафорд“ и по пеколна контра, Хуан Мата во свој стил погоди за 1-0. По само неколку минути по водството, Лукаку имаше две изгледни шанси за нов погодок, но безуспешно, па на полувреме се замина само со еден гол во мрежата на тимот од Чемпионшип. 

Дерби со колосална шанса на Вилсон го отвори вториот дел, а токму позајмениот фудбалер од Ливерпул со ретко виден гол од слободен удар го замолкна „Олд Трафорд“ и израмни на 1-1. По примениот гол, голманот Ромеро направи аматерска грешка, играше со рака надвор од својот казнен простор и заработи црвен картон, што дополнително ги зголеми проблемите на Мурињо.

Чемпионшип тимот, бројчената предност веднаш успеа да ја искористи и Мериот во 85. минута го совлада нововлезениот Гранд и донесе нов шок за „ѓаволите“. Но, Фелаини длабоко во судиското надополнување со глава го надмудри Карсон и се избори за пенали на „Олд Трафорд“. 

Во пенал-рулетот поснаодливи беа гостинските фудбалери, кои не промашија ниту еден удар од 11 метри, додека трагичар за Јунајтед е Фил Џонс, кој не реализира во осмата серија.