Уште едно заминување од Струмица: Томче Илиев се раздели со Академија Пандев

Екипата на Академија Пандев продолжува со својот ремонт во тимот и спогодбено раскина договор со уште еден фудбалер. Станува збор за одличниот дефанзивец Томче Илиев, кој сега како слободен играч ќе може да бара нова средина.

Искусниот десен бек беше еден од фудбалерите со најдолг стаж во редовите на струмичкиот прволигаш. Илиев во Академија Пандев се пресели во 2018 година од редовите на Работнички и во клубот на нашата легенда Горан Пандев ги мина најдобрите моменти во својата кариера.

Покрај Илиев, поранешниот освојувач на Купот на Македонија се раздели уште со Марко Јовановски, Димитар Митровски, Бојан Најденов, Марко Ѓорѓиевски, Душан Јоковиќ, Виктор Ангелов.

Академија Пандев има разочарувачка полусезона и се наоѓа на претпоследното место во ПМФЛ. Струмичани ги чека тешка борба за опстанок во пролетта, а најавени се повеќе новитети за екипата да си ја заврши мисијата.