Уште една ѕвезда тргна по арапските милиони, Шчесни пред обединување со Роналдо

Уште една европска ѕвезда се реши да тргне по арапските милиони. Станува збор за Војчех Шчесни, ветеранот меѓу стативите на Јувентус кој од следната сезона многу веројатно немаше да биде „единица“ на клубот од Торино. 

Според најавите, полскиот голман од следната сезона ќе се обедини со Кристијано Роналдо со кој ја делеше соблекувалната во Јуве. Ал-Наср е подготвен да му плати пет милиони евра на Јувентус за услугите на чуварот на мрежата кој има уште една година од договорот. Кога ќе се земе в предвид и фактот дека има 34 години, „старата дама“ ќе мине доста добро во оваа ситуација, а веќе има обезбедена замена во името на Микеле ди Грегорио од Монца. 

Што се однесува до Шчесни, тој во Ал-Наср ќе добие двегодишен договор со доста повисока плата. Полскиот репрезентативен голман од 2017 година го бранеше голот на Јувентус, а претходно беше дел од Рома, Арсенал и Брентфорд.

Доколку нема неочекувани промени, Шчесни ќе стане голман на Ал-Наср во следните денови.