• Горан Упале
По Андриј Воронин, уште еден фудбалски стратег го напушта рускиот фудбал, откако Маркус Гисдол поднесе оставка од функцијата тренер на Локомотив Москва, во знак на протест поради руската инвазија на Украина.
52-годишниот Германец минатата есен пристигна на чело на еден од најдобрите руски тимови.
„Нема ништо подобро на овој свет од тоа да бидам фудбалски тренер, но не можам да ја работам таа работа во земја чиј лидер нападна друга европска земја. Тоа не се совпаѓа со моите вредности и затоа поднесов неотповиклива оставка.
Не можам да стојам на теренот во Москва и да работам со играчите, да барам од нив да бидат професионални и фокусирани на фудбалот, а на неколку километри се носат одлуки кои предизвикуваат болка и страдање на цела држава. Тоа е моја лично одлука и мислам дека е исправна“, заклучи Гисдол.
Истата одлука ја донесе и поранешниот украински фудбалер, Воронин, кој реши да го раскине договорот со Динамо Москва каде ја вршеше функцијата на асистент.