Уште еден Македонец во Данска, Сондерјиске го доведе младиот Бамијоко

Младинскиот репрезентативец на Македонија, Абиола Бамијоко, официјално потпиша договор и станува нов член на данскиот клуб, Сондерјиске. Стоперот ќе биде трет наш играч кој ќе настапува за овој тим, откако претходно беа доведени Иван Николов и Сефер Емини.

Бамијоко е роден во Финска, но има македонско потекло од неговата мајка, а за нашата репрезентација настапуваше во категориите У17 и У18. Досега играше за ИФК Хелсинки, а има настапувано и за У19 тимот на италијанската Сампдорија. 

„Пресреќен сум што доаѓам во Данска, овде ќе бидам дел од амбициозен клуб, кој вложува во младите играчи и се надевам дека ќе имам голем простор за напредок. Посакувам да имам голема минутажа, но ќе морам да се изборам за место во тимот. 

Благодарност до мојот менаџер Александар Бајевски и неговата агенција АБ9 Спортс Менаџмент, без која јас немаше да бидам тука. Ветувам на целата македонска јавност дека ќе се прикажам во одлично светло, а во иднина ќе се борам и за место во сениорската репрезентација“, изјави Бамијоко. 

Абиола Бамијоко важи за перспективен дефанзивец, кој досега забележа три настапи за нашите младински репрезентации.