• Мартин Танасковски

Старите турски газди на Гостивар пред шест месеци презедоа клуб во Малта и почнаа да го градат со луѓе од Македонија. Донесоа тројца фудбалери кои играа во ПМФЛ, пристигнаа и првите тренери, а сега доаѓа ново име од мак-фудбалот. Ринор Ајдини од Арсими е нов член на Санта Луција од Малта. 25-годишниот играч од средниот ред веќе пристигна во новиот клуб и дебитираше во шампионатот. Тој веќе ги познава газдите, со оглед на тоа што во минатото настапуваше за Гостивар.
Тимот на Санта Луција ФЦ се натпреварува во вториот ранг на малтешкиот фудбал и е проектот на турските газди. Дел од клубот како тренери станаа Емил Грнев и Борче Постолов, додека од фудбалерите, дел од клубот се искусниот напаѓач Филип Петковски, стоперот Андреј Кировски кој последно настапуваше за Гостивар, како и 30-годишното крило Масаки Тахакара кој своевремено беше член на Гостивар, а настапуваше и за Струга и Пелистер во ПМФЛ.
Санта Луција се наоѓа на 11-тото место во малтешкиот шампионат, а амбициите се во брзо време екипата да стане прволигаш.




