Уште еден „бисер“ на Ајакс пред заминување: ПСЖ, Јуве, Ливерпул загризаа за Нерес! 

Екипата на Ајакс ја игра можеби најдобрата сезона во последната деценија, а еден од најзаслужните за тоа е крилниот играч Давид Нерес. Младиот офанзивец игра во фантастична форма оваа сезона, а со своите одлични партии го привлече вниманието на неколку европски гиганти. 

Тамошните медиуми пишуваат дека дури пет клубови пријавиле сериозен интерес за потписот на 22-годишниот Бразилец. ПСЖ, Јувентус, Борусија Дортмунд, како и градските ривали Ливерпул и Евертон веќе подолго време ги следат настапите на Нерес и најавуваат дека ќе влезат во трка за неговите услуги. 

Нерес во Ајакс пристигна во јануари 2017 година, кога од Сао Паоло за 12 милиони евра се пресели во Амстердам. Пред две седмици му оствари најголемиот фудбалски сон, бидејќи за првпат во својата кариера го облече дресот на Бразил во пријателската средба со Чешка. 

Евентуалното заминување на Бразилецот ќе биде нов удар за амстердамскиот клуб, откако од идната сезона дефинитивно ќе биде без својот најдобар фудбалер Френки Де Јонг, а на излезни врати е и Де Лихт.