• Горан Упале

Синоќа беше комплетирано последното коло од групната фаза на Лигата на шампионите и познати се сите учесници во елиминационата фаза, а вечерва ќе биде спуштена и завесата од групите во Лига Европа.
Со нови 24 натпревари денес ќе бидат затворени сите места за втората фаза во најмасовното клупско натпреварување на УЕФА. Во пресрет на одлучувачкото коло отворени се уште единаесет визи за европска пролет, а интересно е тоа што неколку гиганти можат да извисат во последен момент.
Така, вечерва право на кикс немаат великани како Арсенал, Порто, Рома, Лацио. „Топџиите“ предводени од привремениот менаџер Фреди Љунберг зависат сами од себе, затоа што треба само да не загубат на гостувањето во Белгија кај Стандард.
Слична е и ситуацијата со Рома, која пред својата публика игра против Волфсбергер и со евентуален триумф ќе ги продолжи настапите во ова натпреварување.
Сам одлучува и португалскиот вицешампион Порто, кој мора да слави против Феенорд, додека Лацио е во најнезавидна ситуацијата. Римјани прво треба да го победат Рен и да се надеваат дека Клуж ќе загуби од лидерот Селтик.